Здраво на сите!
Моето име е Кате и сум многу среќна што имам можност да ве водам низ ова здраво гурманско искуство.
Во 2020 година, решив да го основам Bet You’re Hungry со цел да ги споделам со сите вас моите обиди за поздрава и балансирана исхрана, а во меѓувреме да се обидам да ги донесам многу од популарните интернационални јадења директно во вашата кујна, и тоа без воопшто да има потреба да преминете граница! Нели е тоа возбудливо? Дополнително, сметам дека остатокот од светот едноставно мора да дознае колку добро изгледа и колку е вкусна македонската традиционална храна, па решив да земам активно учество во остварување на таа цел.
Дали знаете дека здравата храна може да биде вкусна исто колку и брзата храна на која ѝ се препуштаме за инстант задоволство? Верувајте ми, со добра комбинација на состојки, таа може да биде уште повкусна!
Но, пред да започнеме со нашето дружење преку оваа foodies-заедница, дозволете ми да ви обезбедам појасна слика во однос на суштината и целите на овој блог. На тој начин ќе дознаете што е она што го нуди Bet You’re Hungry, а вам би ви било корисно, и што можете да очекувате од блогот во иднина.
Зошто моите рецепти се ЗДРАВИ?
Мојата цел е преку секојдневно истражување и експериментирање да создадам разновидни рецепти кои се засноваат на следниве неколку принципи:
- Без бело брашно (Белото брашно не се прави од целото зрно на житото и поради тоа содржи многу малку хранливи материи наследени од него. Дополнителни хемиски процеси кои го претвораат житото во бело брашно доведуваат до формирање на Alloxan, супстанца којшто предизвикува и поттикнува дијабетес. Поради овие причини јас користам интегрални брашна од следните типови: јачменово, спелтино, хељдино и ‘ржано. Вредноста на интегралното брашно е во богатиот хранлив состав којшто е содржан во целите зрна. Додека белото брашно се добива со мелење само на ендоспермот – средишниот скробен дел на зрното, интегралното брашно се добива со мелење на целото зрно: лушпа, ендосперм и никулец. Белото брашно е богато со преработени јаглехидрати кои значително го забавуваат метаболизмот и предизвикуваат зголемување на шеќерот во крвта, додека интегралното брашно го регулира и балансира нивото на шеќер во крвта)
- Без квасец за готвење (Постојат некои научни тврдења дека конзумирањето на квасец може да го стимулира развојот на кандидата во организмот, а освен тоа, рафинираното бело брашно кое најчесто се користи во комбинација со квасецот е богато со јаглени хидрати коишто ја хранат кандидата. За печење со интегрални брашна не ни треба квасец, па затоа и не го користам во своите рецепти).
- Без бели/класични тестенини (наместо класичните тестени, користам исклучиво интегрални и тоа од истата причина поради којашто не користам бело брашно. Интегралните тестенини, како и интегралното брашно, содржат многу хранливи состојки како витамини од групата Б, антиоксиданти, растителни влакна кои ги намалуваат апетитот, протеини и здрави масти).
- Без бел/рафиниран шеќер (белиот шеќер не треба да се смета за храна, туку за хемиска супстанција извлечена од растителни извори, како што се шеќерната трска или шеќерната репка. Во процесот на екстракција се отстрануваат сите протеински влакна и околу 90% од хранливите материи. Рафинираниот бел шеќерот произведува алкални реакции кои ги отстрануваат речиси сите витамини. Овој шеќер носи само привремена енергија и ништо добро. Како замена, јас користам фруктоза добиена преку мед или овошје кои се всушност необработени шеќери и за разлика од другите не предизвикуваат непосреден пораст или пад на гликозата во крвта, па затоа и се сметаат како состојки кои имаат низок гликемиски индекс и се препорачуваат за дијабетичари. Понекогаш користам кафеав шеќер во рецепти каде што не можам да користам фруктоза, но го користам во многу мали количини. Како и да е, кафеавиот шеќер е многу помалку обработен од белиот, и во најмала рака тој е секогаш подобра опција).
- Минимални количини на сол (Солта што ја користиме е натриум хлорид кој всушност го зголемува ризикот од голем број на кардиоваскуларни заболувања. Рафинираната сол предизвикува голем број на штетни ефекти кај луѓето кои ја консумираат редовно, а оваа информација е важна бидејќи сепак ние сме народ којшто преферира прилично солена храна. Консумирањето премногу сол несомнено може да предизвика и висок крвен притисок. Со оглед на тоа што нема здрава замена за сол и сè уште не можам да ја елиминирам како состојка, солта во моите рецепти е застапена во што е можно помали количини. Дополнително нешто што засега го преземам е тоа што ја зачинувам храната со многу други зачини коишто ја прават потребата за сол помала и го регулираат метаболизмот).
- Без свинско месо и свинска маст (Свинското месо е масен производ со висока енергетска вредност. Честата употреба на свинско месо може да доведе до забрзано зголемување на телесната тежина, формирање на плакети на холестерол на ѕидовите на крвните садови и развој на атеросклероза. Ова месо е презаситено со хормон за раст. Прекумерното внесување на ова соединение во човечкото тело заедно со храната доведува до развој на воспалителни и хипертрофични процеси. Следствено на тоа што ова месо и свинската маст не се застапени во моите рецепти, истите целосно го задоволуваат халал стандардот. Како заменa за ова месо користам пилешко месо, говедско месо, риба или мисиркино месо).
- Значително намалена употреба на преработено месо – колбаси и салама (Преработеното месо содржи сол, нитрати и други адитиви кои ја намалуваат способноста на срцето да пумпа крв и придонесуваат за разни срцеви заболувања. Поради овие причини најчесто користам необработено месо, кое го приготвувам само со динстање, варење или печење).
- Нема чипсови и други нездрави грицки (Станува збор за избегнување на вештачките масти кои се додаваат во одредена храна за да и го продолжат рокот на траење. Најчесто и во најголема количина се застапени во маргаринот, разни кекси, разни грицки, крофни, наполитанки. Последицата од тоа е зголемување на нивото на штетниот холестерол и намалување на добриот холестерол. Поради овие причини користам само здрави и домашно-подготвени грицки/закуски и користам путер наместо маргарин).
- Значително намалена употреба на сончогледово масло (Сончогледово масло е богато со омега-6 масни киселини, исто како што е и белото брашно. Тие киселини се потребни до одреден степен во нашето тело, но не смееме да претеруваме со нив, особено ако внесот на омега-3 масни киселини е мал, кои се содржани во рибите (рибата ги содржи и двата типа масни киселини), чиа семињата и јаткастите плодови. Нерамнотежата помеѓу овие две групи масни киселини се смета дека е главната причина за многу современи заболувања. Знам дека е тешко да се променат верувањата за сето ова, но сепак вреди да се размисли. Маслото од сончоглед е поевтино од другите масла, но дали треба да биде единствениот критериум при изборот на масло за готвење? Јас користам путер, маслиново масло (extra virgin) или масло од семки од грозје (кое содржи плус омега-9 масни киселини), а сончогледовото масло го користам многу ретко. Маслиновото масло содржи вистинска ризница на природни антиоксиданти во форма на полифенолни соединенија и токофероли, како и висок процент на олеинска киселина. Сепак, внимавам со неговата употреба, не готвам со него на температура повисока од 200 степени и најчесто го користам за салати. Барем денес е лесно да се пече и да се динста без или со малку масло благодарение на добрите тави и садови наменети за таа цел).
- Минимална употреба на газирани пијалоци – значително намален внес на вештачки засладувачи E420, E421, E950 или E970 (Ги конзумираме секој пат кога јадеме или пиеме производи кои се наводно без шеќер. Газирани пијалоци, витамини во форма на бонбони, овошни јогурти, мултивитамини во вид на сокови, пудинзи и некои сосови купени во продавница. Наместо сето ова, јас преферирам да правам свои домашни сосови, намази, пијалоци и енергетски закуски).
Го прочита сето ова!? Па, тоа е одлично за тебе! Одлично за сите вас! Со тоа ние веќе сме во истиот тим. Само запомнете, човек никогаш не може да биде премногу млад за да не размислува за сопственото здравје. И верувам дека храната што ја консумираме денес е инвестиција што ја правиме со цел да си обезбедиме долг, безгрижен и активен живот. Но, еј! Немојте да мислите дека јас никогаш не јадам нездрава храна. Секако дека го правам тоа понекогаш, но тоа го правам ретко. И тоа е всушност пораката што сакам да ја споделам со овој блог: здравата исхрана значи практикување на балансиран внес на храна, но сепак со поголем фокус на употреба на здрави состојки (зеленчук, овошје, јајца, семиња, чај, јогурт, црно чоколадо наместо обично, ореви, помалку пржена храна, итн.)
2. Дали овие рецепти се прифатливи за вашиот буџет?
Според моето мислење, здрава храна е скапа само во земји кадешто свежото овошје и зеленчук се поскапи од другата храна. Македонија изобилува со овошје и зеленчук и тоа по сосема прифатливи цени и во секое годишно време. Но, во секој случај, да, здравите состојки дефинитивно ќе нè чинат помалку отколку парите што, за жал, во иднина би ги дале за лекови доколку сега не обрнеме внимание на нашата исхрана.
Состојките се прифатливи за сечиј џеб во овие два случаи:
- доколку готвите редовно ваков тип на храна и максимум ги користите набавените хранливи намирници (исто така, овие типови на намирници се користат подолго време од другите затоа што тие ни прават да се чувствуваме сити подолго време)
- доколку направите соодветен неделен план за купување и готвење (бесплатни прилагодени планови за намирници и рецепти на неделно ниво ќе бидат наскоро достапни на овој блог), ќе бидете сигурни дека оваа уметност на готвење и исхрана без грижа на совест е апсолутно исплатлива.
Се надевам дека овој блог ќе прерасне во голем ресурс за љубителите на готвење со природни состојки, така што ќе можете да дојдете овде кога и да посакате, да го пронајдете рецептот којшто едвај ќе чекате да го приготвите за вашите најмили и да се забавувате додека го усвојувате здравиот животен стил за кој секогаш сте сонувале.
Доколку не сакате да пропуштите ниеден нов рецепт, тогаш бесплатно претплатете се на мојот newsletter, а јас на неделно ниво ќе ги испраќам најновите рецепти директно на вашиот e-mail.
На инстаграм и фејсбук профилите на Bet You’re Hungry редовно ќе споделувам со вас и рецензии од книги кои јас сум ги прочитала и сакам да ги споделам со вас како алатка која е извонредна за поттик на личен развој. Преку тие книги може да се едуцирате и подобрите на фантастични начини, индивидуално различни за секој од вас. Исто така таму промовираме разни идеи и техники за mind wellness, разговараме за значењето на физичката активност и шириме позитивна енергија затоа што нашето здравје е целосно само кога умот и телото ни се во баланс и добра состојба.
За крај, само да ви кажам дека многу сакам да слушам од читателите! Ве молам оставајте коментари, слободно испратете ми е-mail со идеи и мислења или пронајдете ме на социјалните медиуми. И, ако направите рецепт – многу би сакала да ми напишете како испаднал. А уште и ако направите фотографија од јадењето, тогаш споделете ја на Инстаграм/Фејсбук и означете ја мојата страница на Инстаграм @betyouarehungy или користете ја ознаката #betyouarehungry за да можам да ја споделам вашата радост! Ви посакувам секое добро.
Уште еднаш, мило ми е што сте тука!