Здрави палачинки (2 верзии)

Како би се чувствувале ако ви дадам сладок рецепт за палачинки кој е истовремено и здрав и вкусен? И вие и вашите деца ќе ги обожавате ваквите палачинки! Ви нудам две верзии (и двете испробани и фукционираат совршено), можете да ја направите било која опција што ви се допаѓа во зависност од состојките кои моментално ги имате дома. А идеи за декорација? О, имате огромен избор. Јас ставив еднаш растопено темно чоколадо и банани, еднаш путер од кикирики и здрав џем од малини... Оставам на вас!
Порции: 6 yield(s)
Подготовка: 5 мин.
Готвење: 25 мин.
Вкупно време 30 мин.
Состојки
    Верзија 1
  • 2 зрели банани (потемнети)
  • 2 јајца
  • 1 tsp прашок за пециво
  • 1 tbsp какао (по желба, ако сакате чоколадна боја на палачинките)
  • Верзија 2
  • 2 зрели банани
  • 2 јајца
  • 1/2 шолја овесни снегулки
  • 1/2 tsp сода бикарбона
  • 1 tsp екстракт од ванила (по желба)
  • 1 tsp цимет (по желба)
  • 1 tsp какао (по желба, ако сакате чоколадна боја на палачинките)
  • малку ситно зрнесто овошје (по желба, свежо или сушено)
Инструкции
    Верзија 1
  1. Изгмечете ги бананите во вид на каша во голем сад. Измешајте ги со нив и јајцата додека не се добие хомогена смеса, а потоа додадете ги прашокот за пециво и какаото, па повторно измешајте.
  2. Загрејте тавче на средна температура и додадете мала кутлача од смесата за палачинки. Измазнете за да формирате рамномерен слој. Печете ја едната страна околу 2-3 минути додека не почнете да гледате како излегуваат меурчиња од горниот дел на тестото. Превртете и печете на другата страна се' додека не добиете златно кафеава боја, околу 1-2 минути.
  3. Верзија 2
  4. Изгмечете ги бананите во вид на каша во голем сад. Измешајте ги со нив и јајцата, содата и ванилата додека не се добие хомогена смеса, а потоа додадете ги и овесните снегулки, какаото или циметот (какао и цимет по желба). Процесирајте го сето ова во блендер (неопходно е поради овесните снегулки). Доколку сакате во готовата смеса на крај додадете и зрнесто овошје.
  5. Загрејте тавче на средна температура и додадете мала кутлача од смесата за палачинки. Измазнете за да формирате рамномерен слој. Печете ја едната страна околу 2-3 минути додека не почнете да гледате како излегуваат меурчиња од горниот дел на тестото. Превртете и печете на другата страна се' додека не добиете златно кафеава боја, околу 1-2 минути.
  6. Декорирање
  7. Декорирајте ги плачинките со вашите омилени намази! Јас користев во случајов темно чоколадо и банани, а вие можете и да премачкате со путер од кикирики и домашен џем од малини (рецептот од џемот пребарајте го на мојот сајт во секцијата намази и сосови).