Тајландско пилешко во сос од кикирики 🇹🇭

Според резултатите од анкетата што вчера ја објавив на story, увидов дека и вие сте добиле желба за некој специјалитет од азиската кујна. Ви претставувам еден извонреден тајландски рецепт, именуван како пилешко во сос од кикирики. Има егзотичен вкус и совршено одговара со прилог од компири или ориз. На здравје!
Порции: 4 yield(s)
Подготовка: 20 мин.
Готвење: 35 мин.
Вкупно време 55 мин.
Состојки
  • 500 g пилешки стек
  • 1/3 tsp сол
  • 1/4 tsp црн бибер
  • 1/3 шолја путер од кикирики
  • 1/2 шолја хопла за готвење или кокосово млеко
  • 1 tbsp мед
  • 1 tbsp соја сос (со ниско ниво на сол)
  • 1 tsp сок од лимон
  • 1 коцка супа растворена во 1 шолја вода
  • 1 рака сецкани несолени кикирики
  • 2 tbsp сецкан босилек или магдонос
Инструкции
  1. Пилешкото месо исецкајте го на коцки и ставете го во сад. Додадете сол, црн бибер и 1 лажица маслиново масло. Мешајте со лажица и оставете го месото да отстои 20 минути.
  2. Во загреана тава додадете го маринираното пилешко и пропржете го во времетраење од 5 минути на висока температура. Намалете ја температурата и додадете коцка пилешка супа растворена во топла вода. Динстајте 25 минути на средна температура или додека речиси цела течност не испари.
  3. Во меѓувреме, изматете ги стопениот путер од кикирики, медот, соја сосот и сокот од лимон во посебен сад, со помош ма жица за матење или виљушка. Додадете го кокосовото млеко или хоплата за готвење, добро промешајте и истурете ја смесата во тавата со месо. Промешајте и гответе уште 10 минути.
  4. За декорација додадете сецкани кикирики и сецкан магдонос/босилек. Послужете го специјалитетот со компири или ориз како гарнир.