Мексиканска кујна: Jајца во чинија од тортиља 🇲🇽

Ви претставувам нешто многу вкусно! Мексикански појадок со салца (или доматно пире комбинирано со чили зачин), сирење и јајца. Му доаѓа како пикантно топено сирење какво што не сте пробале досега! Најдобро од се' е што може да си го зачините со интензитет по ваша желба. Се прави во интегрална тортиља која станува превкусна и крцкава, а вие само си ја кршите дел по дел и си мацкате од сочната внатрешност! Резервирајте си еден ден од претстојниот викенд за овој уникатен појадок.
Порции: 1 yield(s)
Подготовка: 5 мин.
Готвење: 30 мин.
Вкупно време 35 мин.
Состојки
  • 1 интегрална тортиља
  • 2 јајца
  • 2 тенки парчиња сирење чедар (се продаваат парчиња во кесички, на Президент и Мегле ми се омилени)
  • 2 парчиња рендана моцарела
  • 1/4 tsp сол
  • 1/4 tsp чили (додадете повеќе ако сакате)
  • 2-3 tbsp доматно пире (или салца)
  • 3 листови рукола или босилек (за декорација)
Инструкции
  1. Тортиљата стоплете ја 20-30 секунди во микробранова печка за убаво да омекне.
  2. Доколку имате калап за средни мафини, можете да го премачкате со малку масло и да ја поставите внатре тортиљата/тортиљите во вид на сад. Доколку немате такви калапи, може да користите како мене керамичка длабока чинија за чорба.
  3. Во внатрешноста на садот направен од тортиља ставете едно парче чедар, па доматно пире со чили (или салца), посипете со малку рендана моцарела и врз сето тоа ставете ги претходно изматените јајца. Печете во рерна, 15-20 минути на 190 степени.
  4. Извадете го калапот/чинијата со тортиља од рерната, ставете го второто парче чедар, остатокот од ренданата моцарела и сецканата рукола/босилек. Печете уште 15 минути.
  5. Штом е готово, посипете со уште малку чили зачини и со тоа појадокот е готов. Доколку го правевте појадокот во калапи, извадете ги тортиљите и ставете ги во чинии за послужување, а доколку го правевте во чинија за чорба, може да послужите директно во самата чинија откако малку ќе се излади.
  6. Кршете си од тортиљата и мацкајте си од внатрешноста на овој прекрасен специјалитет!