Македонска кујна: Телешка чорба

Ви го претставувам мојот највкусен мерак во македонската кујна, нејзиното величество: телешка чорба. Ова е совршен оброк, без разлика дали се сервира како појадок или ручек. Најважно е да биде вкусен и да биде сервиран со парче топол леб и макало од лук, затоа што нема подобра и поздрава комбинација од чорба и лукче. Не ми е првпат да експериментирам со чорба, па овојпат ја направив на наједноставен начин што можев, и притоа внимавав да не содржи брашно за згуснување и пак да биде екстра вкусна! Не ви требаат посебни вештини за да ја направите, само следете неколку едноставни чекори и направете го вашиот следен омилен оброк!
Порции: 5 yield(s)
Подготовка: 10 мин.
Готвење: 100 мин.
Вкупно време 110 мин.
Состојки
  • 400 g телешки бут
  • 1 главица кромид
  • 2 моркови
  • 2 компири
  • 1 чешне лук
  • 2 листови од ловор
  • 1/3 црн бибер
  • 1/2 tsp сол
  • 1 tsp вегета (по желба)
  • 1/4 китка магдонос (сецкан)
Инструкции
  1. Засечете го големото парче месо од неколку страни и ставете го во тенџере. Покријте го со вода и динстајте го 90 минути на слаб оган.
  2. Во друга тава, испржете го ситно исецканиот кромид додека не стане проѕирен, додадете го исецканото чешне лук, сецканите моркови и компири, додадете вода доволно колку да ги покрие и динстајте 30-40 минути на средна температура, или додека не омекнат.
  3. Кога месото е готово, тргнете го настрана од тенџерето со вода и иситнете го со вилушка. Вратете ги сега иситнетите парчиња месо назад во тенџерето со вода.
  4. Зготвениот зеленчук ставете го во процесор за храна и изблендирајте го. Истурете ја смесата во тенџерето со месо и добро промешајте, се' додека смесата пд зеленчук целосно не се соедини со водата од месото. Додадете сол, црн пипер, магдонос и ловоров лист. Доколку сакате поинтензивен вкус, можете да додадете и вегета. Гответе уште 10 минути на слаб оган и послужете ја чорбата топла, со парче топол леб и макало од лук.