Македонска кујна: Бакардан или Качамак

За денес ви приготвив еден од најстарите, највкусните и најздравите македонски специјалитети: качамак или бакардан. Ова јадење се приготвува многу лесно, а ќе ви треба само палента (или пченкарно брашно), грчки јогурт, путер, сирење и малку пршута по желба. Пченкарното брашно има многу позитивно влијание на целокупното здравје на човекот, а најважната работа кај ова јадење е фактот што не содржи глутен и може да го консумира секој, без оглед на возраста. Идеално е за мали бебиња, за луѓе кои водат сметка за килограмите или пак за оние кои имаат проблеми со системот за варење. Палентата содржи доволно минерали, нутриенти и витамини за да може телото нормално да функционира. Пченкарното брашно содржи низа хранливи состојки и е голем извор на фолати, витамини Б6, К и Е, пантотенска киселина, тијамин, рибофлавин и нијацин. Исто така, има голема содржина на фосфор, магнезиум, цинк, калиум, бакар, селен и манган.
Порции: 2 yield(s)
Подготовка: 10 мин.
Готвење: 20 мин.
Вкупно време 30 мин.
Состојки
  • 1 шолја палента (пченкарно брашно)
  • 2 шолји вода
  • 1/2 tsp сол
  • 100 g бело сирење (ситно сецкано)
  • 4 парчиња пршута (ситно сецкана)
  • 150 g грчки јогурт
  • 2 tbsp путер
  • 1 tsp сушен босилек
Инструкции
  1. Истурете ја водата во тенџере, додадете малку сол и ставете ја да зоврие. Намалете ја температурата на минимум и додадете ја палентата. Повремено мешајте додека качамакот не се згусне (околу 10 минути).
  2. Додадете путер, сецкано сирење и пршута, добро промешајте и префрлете го качамакот во два посебни садови за печење (по можност мали и земјени). Потпечете го 10 минути на 200 степени. Послужете со грчки јогурт и сушен босилек.