Италијанска кујна: Фритата со сирење ??

Фритата е италијанско јадење базирано на јајца, слично на омлет, но приготвено малку поинаку и збогатено со дополнителни состојки како месо, сирење или зеленчук. Мојата фритата е полна со сирење и зеленчук. Многу е лесно да се направи и дефинитивно треба да ја подготвите за доцен појадок во некој викенд :)
Порции: 4 yield(s)
Подготовка: 10 мин.
Готвење: 15 мин.
Вкупно време 25 мин.
Состојки
  • 6 јајца
  • 250 g микс зеленчук - свеж или замрзнат (грашок, пченка, морков и црвени пиперки)
  • 1 полна рака свежа рукола или спанаќ
  • 3 сецкани парчиња говедска пршута (по желба)
  • 1 tbsp маслиново масло
  • 40 g пармезан
  • неколку парчиња моцарела
  • неколку парчиња друго сирење (по желба)
  • 1/3 tsp сол
  • 1 tsp сушен босилек (може како замена оригано или сушен магдонос)
  • 1 кромид
Инструкции
  1. Во кружна тава за печење и пржење (ако немате таква тогаш направете како мене во обична тава само за пржење), запржете го кромидот на малку масло.
  2. Штом кромидот стане стаклест, додадете ја сецканата говедска пршута (по желба), запржете уште 1 минута, па додадете го миксот од зеленчук. Гответе го и него уште 1 минута, да се соединат вкусовите и додадете малку сол.
  3. Врз зеленчукот наредете парчиња моцарела и друго сирење ако користите, наредете рукола или листови свеж спанаќ и посипете со рендан пармезан. Врз сето тоа посипете ги јајцата кои се претходно убаво изматени и малку посолени.
  4. Фритатата ќе почне да се подготвува, што значи јајцата ќе почнат да добиваат структура на омлет. Поминете по краевите на тавата со виљушка или нож за да не се залепи фритатата за тавата. Гответе околу 5 минути, па намалете ја температурата и покријте ја тавата со капак (ако немате капак тогаш покријте со некоја друга тава превртена наопаку) за да можат убаво да се стопат сирењата и да се соедини цела смеса. Оставете ја тавата покриена на рингла околу 10 минути. Пак посипете со листови рукола/спанаќ и пармезан. Пресечете на четвртини и послужете.
  5. Доколку готвите во тава која е погодна и за печење, ставете ја фритатата во рерна на 200 степени во рок од 10 минути наместо да ја покривате со капак. Вака фритатата ќе биде малку запечена и од горе и уште повкусна.