Индонезиска кујна: Nasi Kunyit (ориз во куркума) ??

Nasi Kunyit е ориз приготвен со куркума и некои други феноменални состојки. „Kunyit“ е индонезискиот збор за куркума, додека„Nasi“ значи ориз). Овој жолт ориз претставува познато индонезиско јадење кое во тамошните земји се служи за време на разни прослави, свадби и други специјални прилики (замислете, го послужуваат дури и за првата полна месечина на новороденчињата!). Тие велат дека ваквиот приготвен ориз е златен ориз поради жолтата боја и го послужуваат за време на наведените настани за да симболизира богатство, благосостојба и достоинство. Погледнете го овој рецепт и направете го кога веќе имате прилика да се чувствувате специјално и во обичен ден! Овој оброк е навистина злато! Особено ако го подготвите во комбинација со пилешко, како што направив јас во овој рецепт. На здравје!
Порции: 4 yield(s)
Подготовка: 15 мин.
Готвење: 60 мин.
Вкупно време 75 мин.
Состојки
    Месо
  • 600 g пилешки батаци, отворени, без коска, сецкани на коцки
  • 1 tbsp сол
  • 1 tbsp сушен босилек
  • Ориз
  • 250 g ориз
  • 200 g грашок
  • 1 tbsp вегета (или сол и искршена коцка супа)
  • 1 шолја вода
  • 1 tbsp маслиново масло
  • 1 tbsp сушен босилек
  • 1 tbsp куркума
  • 1 tbsp кари
Инструкции
  1. Исецкајте ги пилешките отворени батаци на мали парчиња и зачинете ги со сол и сушен босилек. Попрскајте ги со малку маслиново масло и ставете ги да се печат во рерна на 200 степени, 30 минути. Штом се готови, тргнете ги на страна.
  2. Во меѓувреме ставете го оризот во друга тава и запржете го на кратко во маслиново масло. Додадете сушен босилек, шолја вода, вегета или коцка зеленчукова супа, сварени зрна грашок (или грашок од конзерва), куркума и кари.
  3. Промешајте убаво и ставете ја тавата во рерна да се печи 30 минути на 180 степени.
  4. Штом е готов оризот, врз него наредете ги печените парчиња месо и послужете.